Студ. парламент
Докторски студии
Доквалификација

_________________________

Информации

септември 2023
П В С Ч П С Н
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930  
Огласна табла

Порака од деканот

Педагошкиот факултет „Св.Климент Охридски“ – Скопје е современа високообразовна институција, основа на образовно општество како возобнова на Климентовиот сеуниверзитетски свет.
Од основањето на нашата институција се навршени педесет години, богата и долга традиција на Педагошката академија, и дваесет и една година на творечка, образовна, едукативна и научна плодотворна дејност на Педагошкиот факултет „Св.Климент Охридски“. Подготвувајќи кадар за предучилишните установи и одделенски наставници на македонски, албански и турски јазик,на нашиот Факултет за првпат во Република Македонија се организираат и студии по библиотекарство.
Од патрониот светец Климент Охридски нѐ делат илјадници години. Неговата книжевна школа денес живее како поимник на епохата и на историјата, што со гордост го носи современиот македонски духовен и образовен простор, на чие возвишение стои Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“. Климентовиот универзитет броел околу четири илјади студенти, оформен во далечната 886 година како Охридска книжевна школа, многу попознат како „прв словенски универзитет“. Духот и словото на свети Климент Охридски продолжуваат и денес со над педесет илјади студенти што го покриваат образовниот простор на Република Македонија и пошироко, се разбира, од 1947 година со Вишата педагошка школа, Педагошката академија и Педагошкиот факултет како патни линии во развојот на нашата институција, кои се одвивале во зависност од општествените услови и потреби. Притоа, особено се води грижа за повеќејазичноста и за реализацијата на наставата на македонски, албански и турски наставен јазик, со што слободно може да кажеме дека Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ ја отсликува општествената реалност, мултикултурализмот и културната кохезија во нашата земја.
Со задоволство сакам да истакнам дека во нашата институција работеле и твореле, работат и творат познати и признати професори, доајени во научната, стручната и образовната мисла, врвни уметници, чии дела и идеи длабоко се втемелени во образовната историја, како и во живата практика на нашиот образовен систем. Република Македонија претставува прекрасна граѓанска и образовна држава поради мошне силната спојница меѓу источната светлост и западната мудрост.
Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ овозможува сестрано образование и воспитание кои стануваат нужност за натамошното изградување на демократското општество во нашата земја, истовремено и збогатување со научни сознанија бидејќи науката е органски дел на надградбата, затоа што има врска со сите форми на општествената свест. Од друга страна, сознанието се здобива и се усвојува низ сите облици на образовниот процес, кој е сигурна гаранција за здравиот растеж на личноста и на општеството.За формирањето на човековата личност и на општеството, воопшто, образованието и воспитанието претставуваат длабока нужност и неопходност во кои се инкорпорирани и сегашноста и иднината на современото граѓанско општество. Со други зборови, човекот станува индивидуално – персонално, семејно – социјално битие само ако е едуциран и образован, а токму оваа благородна мисија ја исполнува Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ соработува со сите други хомогени сродни факултети во државата и пошироко, како што се: Педагошкиот факултет во Битола, Педагошкиот факултет во Тетово, Факултетот за образовни науки во Штип, како и со сите членки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Нашиот Факултет учествува на многу домашни и меѓународни конференции. Повеќе години соработуваме со Педагошките факултети во Едрене, Република Турција, Стара Загора, Република Бугарија, Загреб, Република Хрватска, со тенденција нашата асоцијација да се прошири и во други балкански и европски земји. Нашата соработка е во постојан континуитет со МОН, БРО, ДПИ, партнерските училишта, градинките и библиотеките, како и со други невладини организации, како што се ОБСЕ и УСАИД, сѐ со цел креирање афирмативни и современи тенденции во процесот на образованието. Во рамките на нашиот Факултет постојат и следниве центри: Дидактичко-методички центар; Центар за педагошки истражувања и анализи; Центар за доживотно учење – перманентно образование и Центар за кариера. Со програмите што се усвоени, Центрите особено ќе придонесат за ширење на дејноста на Факултетот во сферата на истражувачката работа, методичкото оспособување на наставниците и нивното постојано усовршување.
На нашиот Факултет подолго време се организираат и студии на втор циклус за предучилишно воспитание и за основното образование, како и студии по библиотекарство, на македонски, албански и турски наставен јазик. Исто така, на нашиот Факултет ќе се организираат и самостојни докторски студии по рано детско воспитание и образование, образование на наставници (за примарното образование) и студии по библиотекарство. Наставата ќе се одвива на трите наставни јазици (македонски, албански и турски наставен јазик). Главен акцент ќе биде ставен на обезбедувањето на висококвалитетни предавања од нашиот  наставен кадар, а за целосна покриеност на наставата, Факултетот ќе ангажира еминентен надворешен наставен кадар од земјава и од странство. Исто така, на нашиот Факултет се организира и настава за педагошка доквалификација за кандидати од ненаставничките факултети.
Почитувани поклоници на мудрата мисла, на убавиот збор и на знаењето како најголема движечка сила на индивидуата и на општеството, завршувајќи го ова мое обраќање, ја барам Вашата почит кон патронот свети Климент Охридски, Вашата почит кон Платоновиот бог на образованието – Академ, кон нашиот Универзитет, кон нашата држава и сите нејзини граѓани, со замолница до студентите, до моите колеги и вработени, до сите Вас, ценети пријатели, соработници, добронамерници, кога ќе влегуваме во дворот на Факултетот, утринско огледало да ни бидат ликот и делото на свети Климент Охридски, и да се однесуваме со длабока почит и љубов кон вечното образовно дело на нашиот патрон, свети Климент Охридски.

 

 

 

 

 

 

УПИСИ 2022/2023
Септември Сесија23
______________________

_______________________

_______________________ _______________________

________________________

________________________

________________________

________________________

________________________