Седумдесет години просвета, образование и наука
СЕДУМДЕСЕТ ГОДИНИ ПРОСВЕТА,
ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА
По повод својот патронен празник, 8 Декември, и големиот јубилеј – 70 години од основањето, Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје организираше свечено одбележување на овие два настани, чествувајќи ги седумдесетте години просвета, образование, наука и присуство на македонската образовна сцена, истовремено оддавајќи голема почит и благодарност кон ликот и делото на големиот учител свети Климент Охридски.
Свеченото одбележување се одржа на 6.12.2017 година во свечената сала на МАНУ. Беа поканети и присуствуваа највисоките претставници на УКИМ, ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, проректорот за настава, проф. д-р Вујица Живковиќ, проректорот за наука, проф. д-р Владимир Петрушевски, проректорката за меѓународна соработка, проф. м-р Гордана Јосифова Неделковска и проректорката за финансии, инвестиции и развој, проф. д-р Биљана Ангелова; декани и продекани од повеќе факултети при УКИМ, како и од Универзитетите во Битола и во Штип; високи претставници од МОН, директори на институти и други значајни научни и образовни институции, видни поранешни и сегашни просветни дејци, пензионирани и сегашни професори и соработници од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Свечената академија ја започна деканот на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Емиљ Сулејмани, кој на присутните гости им се обрати на македонски и на албански јазик. Во својот поздравен говор, деканот ги посочи образованието и воспитанието како супстанцијални фактори кои веќе почнаа да го формираат и да го образуваат ликот на XXI век, составен и сплотен во глобалната синтетичка оценка, со градење на поимот и на идејата за подобро образование и воспитание, како перистил на духовниот подем и дело на напредокот во кои се применуваат демократските процеси и нивните промени под непосредно дејство, содејство и општествено влијание. Притоа, деканот, проф. д-р Емиљ Сулејмани, го истакна незаменливиот творечки и духовен придонес што го дава Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, продолжувајќи ја светата Божја мисла на основоположникот на Првиот словенски универзитет, познат како Климентов универзитет, нагласувајќи дека духот и словото на свети Климент Охридски продолжуваат и денес со над педесет илјади студенти што го покриваат образовниот простор на Република Македонија и пошироко. На крајот од својот говор, деканот ја истакна и цврстата определба дека Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје ќе продолжи со образовното дело во создавањето на духовниот простор на нашата држава преку парадигматските дела на наставниците, учителите, учениците, делата на студентите, со што ќе продолжи да ги збогатува идентитетот, митот и легендата на нашето постоење, на нашето предучилишно, основно, средно и високо образование. Почитувајќи ја посебноста на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ како установа во која наставата се одвива на три наставни јазици, на присутните гости на турски јазик им се обрати и ги поздрави проф. д-р Аида Ислам.
На свечената манифестација свое поздравно обраќање имаше и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски. Тој во својот говор, осврнувајќи се на развојот на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и изразувајќи благодарност кон илјадниците учители кои сите овие години неуморно го сееле семето на мудроста и несебично го дарувале своето знаење, истакна дека оваа установа претставува барометар на старото и новото време, бележник на сите општествени промени и образовни процеси, слика на културолошките чекори и исчекори во македонското општество и на европската и светската образовна сцена. Оттука, ја нагласи и вербата дека Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје ќе продолжи да чекори по зацртаната врвица на високи академски вредности и дострели, да дејствува како содржател и дарител на квалитетно образование низ сите форми на современа настава, стручно-научна и практична обука на идните одделенски и предучилишни наставници и на идните библиотекари, да биде признат и познат втемелувач на сите развојни процеси и промени во сите сфери на образованието.
Одбележувањето на патрониот празник за Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје секогаш претставува еден посебен момент во времето и во просторот на кои денес им припаѓаме и длабок, безмернодуховен порив за да му оддадеме посебна почит и благодарност на големиот учител чие име го носи нашата научно-образовна институција и по чии просветителски стапки успешно чекориме веќе 70 години. Беседата за нашиот патрон и за неговото безвременско дело, како спомен и завет на сите сегашни и идни генерации учители, ја подготви и ја претстави пред присутните проф. д-р Виолета Мартиновска.
Посебен акцент во рамките на ова свечено одбележување му беше даден на претставувањето на монографијата по повод големиот јубилеј – 70 години просвета, образование, наука, 70 години постоење на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, наследник и обединувач на Педагошката академија „Климент Охридски“ и на Вишата педагошка школа. Промотор на ова значајно дело за седумте децении историски растеж беше проф. д-р Мито Спасевски, кој на многу елоквентен и достоинствен начин ја претстави монографијата како сведочник за времето минато во времето денес, како речит показ за нагорнините, за светлините, за самопрегорот и за визиите на низа генерации вплотени во 70-годишниот развој на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, како најзнаменита високообразовна институција за образование на учители, наставници, професори.
За музичко-сценскиот дел од програмата беа задолжени Јета Старова-Мехмети (флејта) и Ермал Мехмети (виолина), кои се претставија со музички преработки на македонска и албанска песна и на Канонот во Де дур од Јохан Пакелбел. Посебен шарм на оваа свеченост му даде настапот на дечињата од Детската градинка „Бисери“ кои се претставија со сплет од детски песни на неколку јазици.
Како дел од програмските активности во рамките на ова свечено одбележување беа и наградите што Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје им ги додели на своите најдобри студенти за учебната 2016/2017 година, кои студираат на македонски, албански и турски наставен јазик: Ема Казакова, Емира Мурсели и Елиф Асан. Традиционално, секоја година, во рамките на одбележувањето на патрониот празник, Факултетот распишува награден конкурс за најдобар есеј. Оваа година, од големиот број пристигнати есеи на тема: Учител – светлина која трае, за најдобри автори на есеи беа прогласени: Дијана Димитриевска, Фатиме Авди и Севда Омерова.
Нека биде честит и вековит големиот јубилеј на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје! Нека биде честито и вековито големото дело на учителот вчера, денес и утре!
проф. д-р Елизабета Бандиловска