Проф. д-р Аднан Ќахил
Проф. д-р Аднан Ќахил е роден 1960 г. во Скопје. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Природно-математичкиот факултет при УКИМ. Во својата кариера бил наставник, директор во приватна фирма, професор во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, а од 1998 г. предавач на УКИМ. Од 1987 г. работел како процесен, а потоа и како главен инженер во „ОХИС“. Бил државен советник на премиерот на РМ, трипати министер во Владата на РМ и двапати пратеник во Собранието на РМ. Објавил 35 научни трудови во светски рангирани списанија со импакт-фактор. Објавувал научни трудови во зборници од меѓународни конференции во Каиро, Истанбул, Софија и др. Тој е учесник и креатор на десет домашни и пет меѓународни научни проекти од областа на хемијата. Тој е и активен спортист со резултати на европско ниво, носител на петти дан црн појас во карате, меѓународен инструктор на ВСКФ-федерацијата за Европа со седиште во Токио, тренер во карате клубот „Вардар“ со кој има достигнувања во европски правци како натпреварувач и како инструктор. Во периодот 1998-2001 г. бил избран за потпретседател на Карате асоцијацијата на Македонија. Тој е сегашен претседател на политичката партија „Движење на Турците во Македонија“, а по последните парламентарни избори, е министер задолжен за странски инвестиции во Владата на РМ.