Проф. д-р Билјана Камчевска
Проф. д-р Билјана Камчевска е родена 1969 г. во Скопје. Дипломирала на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. На истиот факултет магистрирала во 1996 г., а со научниот степен доктор по педагошки науки се стекнала во 2005 г. Нејзиното прво работно искуство е како воспитувач во предучилишната установа „Орце Николов“ во Скопје. Во 1997 г. е избрана за помлад асистент на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а во 2005 г. за доцент по предметите: Методика на наставата по ЗП и ЗО за групата Одделенска настава, Методика на воспитно-образовната работа по ЗПО за групата Предучилишно воспитание и Методика на работа со надарени деца. Од 2009-2012 г. раководела со Институтот за одделенска настава, а од 2012 г. е член на Универзитетскиот сенат при УКИМ. Автор е на еден универзитетски учебник, повеќе монографии, како и повеќе научноистражувачки трудови објавени во меѓународни и домашни научни зборници и списанија. Со свои трудови учествувала на повеќе конгреси и конференции од меѓународен карактер одржани во земјава и странство. Учествувала во изработка на национални наставни програми и други национални документи за основното образование и за раниот детски развој. Коавтор е на повеќе учебници за основно образование, како и на прирачници за предучилишно воспитание. Учествувала во реализацијата на повеќе научноистражувачки проекти од меѓународен и национален карактер.