Проф. д-р Вехби Кадриу
Проф. д-р Вехби Кадриу е роден 1958 г. во с. Гајре, Тетовско. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за албански јазик и литература во 1981 г. Магистрира во 1992 г., а со научниот степен доктор по филолошки науки се стекнува во 1998 г. на Универзитетот во Тирана, Албанија. Во периодот 1981-1988 г. работи најпрвин во РТВ на Македонија, како лектор по албански јазик, а потоа во Редакцијата на весникот „Флака е велазеримит“ при НИП „Нова Македонија“ во Скопје. Од 1988 г. е професор на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје за предметите од областа на албанскиот јазик и книжевноста. Покрај наставната дејност, тој се занимава и со стручна и научноистражувачка работа. Учествувал на повеќе меѓународни конференции во Македонија и во странство. Има објавено голем број научни трудови од областа на современиот албански јазик во релевантни меѓународни и домашни списанија. Бил раководител на комисии за изготвување наставни програми по албански јазик за основно и средно образование. Од 2013 г. е претседател на Испитната комисија за полагање стручен испит по предметот Албански јазик за приправници во основните училишта. Има објавено неколку учебници за основно, средно и високо образование во областа на албанскиот јазик и литература. Се занимава и со преведувачка и лекторска дејност.