Настани
  • No Events
Категории
  • Без категории
јуни 2017
П В С T П С С
« Мај    
 1234
567891011
12131415161718
19202122232425
2627282930  
Огласна табла

Предучилишно воспитание,

Предучилишно воспитание 

За студиската програма 

Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје е високообразовна институција со долга историја и богата традиција, со особено значајно место во македонскиот образовен систем како продуктивен центар и расадник на оспособени стручни кадри, продолжувачи на мислата и делото на големиот учител и просветител, чие име го носи и самата институција, св. Климент Охридски. Голем е предизвикот на новото време и на иднината со незапирлив брз од во сите сегменти од животот на човекот, уште поголем е предизвикот сите тие промени да станат составен дел и од образованието на нашите деца, а притоа да не се загуби врската со сопствената традиција и култура, да се остане доследен на високите духовни, морални и книжевни вредности наследени од нашите предци. Прифаќајќи ги предизвиците на новото време, глобализацијата и современите текови во европското и светското образование, одржувајќи го спојот не само со својот официјален почеток во далечната 1947 година туку и со зародишот на писменоста на овие простори преку постоењето на Климентовата книжевна школа, Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје цврсто и успешно чекори по својата академска врвица, оставајќи свој белег во македонскиот образовен простор.

Студиската програма за прв циклус студии на Предучилишно воспитание се реализира во согласност со Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС), трае 4 години, односно 8 семестри и носи вкупно 240 кредити, по 30 кредити во секој семестар. Наставата на оваа студиска програма се изведува на македонски, на албански и на турски наставен јазик.

Студиската програма за прв циклус студии на Предучилишно воспитание се состои од 60% задолжителни предмети, 30% изборни предмети кои ги нуди Факултетот и 10% слободни изборни предмети од универзитетската листа. Студентите запишани на оваа студиска програма, во текот на осумте семестри, слушаат и полагаат 29 задолжителни предмети (во наставата на албански и на турски наставен јазик се 31), 14 изборни предмети од вкупно понудените 35 во рамките на студиската програма по Предучилишно воспитание, како и 5 предмети од универзитетската листа на слободни изборни предмети.

Наставата на студиската програма по Предучилишно воспитание го следи трендот на современост и усогласеност според модерните текови на европското и светското претшколско образование, следејќи ги во чекор најновите научни сознанија од сите области кои ги покрива Институтот за предучилишно воспитание. За успешна реализација на самата студиска програма, но и на секоја одделна предметна програма, се предвидени низа методи и активности за доближување на наставниот процес до студентите и за максимално поврзување на теоријата со практиката, како што се: интерактивна настава, менторска настава, учење по пат на решавање проблемски ситуации, практични вежби, индивидуална работа, групна работа, консултации и др. Во наставниот процес се применуваат различни методски и дидактички средства со цел квалитетно одвивање на наставата и успешно совладување на наставните содржини од страна на студентите. Исто така, за студентите постои отворена можност да бидат во постојан контакт со најновите светски достигнувања во областа на науката, книжевноста, уметноста и сл. преку богатиот книжен фонд со кој располагаат Библиотеката и Медијатеката, но и преку можноста за слободен пристап до сите потребни податоци и информации преку електронските сервиси.

Составен дел од студиската програма по Предучилишно воспитание, на што му се обрнува особено внимание, е практичното оспособување на студентите со цел нивно успешно вклучување во воспитно-образовниот процес во предучилишните установи, како и во пошироката општествена заедница. Во оваа студиска програма се предвидени три задолжителни форми за практично оспособување на студентите:

  • Педагошка практика 1, 2, 3, 4
  • Хоспитации (методичко-дидактички)
  • Педагошки стаж (се реализира во текот на 8 семестар)

Наша цел е овие форми на практично оспособување на студентите постојано да се усовршуваат и да се надополнуваат со нови методи и начини на практична работа, но и со нови форми на соработка со сите релевантни фактори, како што се: предучилишните установи, локалната самоуправа, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, со други надлежни институции од владиниот и од невладиниот сектор, со различни организации и здруженија и сл. На тој начин студентите ќе имаат отворена можност за што поголемо вклучување во разни форми на практичната настава, во различни проекти и процеси на стекнување искуство по пат на поврзување на стекнатите теориски знаења со она што го бара практиката.

Режимот на студии е регулиран со Одлука за условите, критериумите и правилата на студирање за прв циклус студии на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, која во скратен облик е дадена во Информаторот за предучилишно воспитание како Упатство за студирање.

Почитувани студенти, идни академски граѓани! Избирајќи да студирате на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје и на студиската програма по Предучилишно воспитание, вие избирате една благородна професија да работите со деца и имате благородна мисија од нив да направите добри, умни и успешни ученици. Вие ќе ја имате можноста да бидете првиот учител во повеќегодишниот школски развој на едно дете и првиот модел според кој детето интелектуално и емоционално ќе расте и ќе се развива. Образовајте се и учете вие за да го образовате и да го учите детето кое во вас ќе ја гледа првата слика на општеството. Научете го правилно да зборува на својот мајчин јазик, научете го примерно да се однесува, поттикнете го неговото огромно детско љубопитство, всадете му ја љубовта кон книгата, кон природата, кон луѓето. Бидете првиот извор на знаењето во неговиот детски свет, првиот патоказ кон вистинскиот свет. Искористете го сиот потенцијал и сите можности што ви ги нудат Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, студиската програма по Предучилишно воспитание, нашиот наставнички и соработнички кадар.

проф. д-р Елизабета Бандиловска

раководителка на Институтот за предучилишно воспитание

  1. ОПИС НА ОБРАЗОВНИОТ ПРОФИЛ

1.1. Стручен назив

По одбраната на дипломската работа, кандидатот се здобива со звањето дипломиран професор по предучилишно воспитание.

1.2. Општи дескриптори на квалификациите

Знаења и разбирање –     Покажува знаења и разбирање за социјалната и културната димензија на воспитно-образовната/културно-образовната установа.-     Познава, разбира и разликува воспитно-образовни и функционални цели во реализирањето на дејноста на воспитно-образовната/ културно-образовната установа.
Примена на знаењето и разбирањето –     Оспособен е за академско читање и пишување, умее да ги применува нормите на правописот и правоговорот, умее да ја применува функционалната јазична писменост, ги препознава различните јазични стилови и е носител на јазичната норма на сите јазични рамништа.-     Поседува основна математичка писменост (на различни нивоа на умешност за различни компоненти на математичката писменост, дефинирана во меѓународно прифатени документи).

–     Умее да применува истражувачки методи, техники и инструменти и поседува умеења за вклучување во акциони истражувања.

Способност за проценка –     Ги препознава, ги разликува и ги уважува различните етички норми и умее да избира и да користи содржини и активности за поттикнување на етичките доживувања и вреднувања.-     Ги познава, ги прифаќа и ги селектира стратегиите за поддршка на мултикултурните вредности, мултикултурната и религиската толеранција, јазичниот и конфесионалниот плурализам.

–     Умее да избира и да користи содржини и активности за поттикнување на креативноста, на позитивни чувства кон уметничкото творештво и кон естетското вреднување.

Комуникациски вештини –     Умее да комуницира на стандардната јазична норма на државниот (македонски) јазик и на својот мајчин јазик.-     Ја познава и ја користи терминологијата што е карактеристична за професијата.

–     Умее да избира содржини и активности за развој на еколошката свест и еколошката култура, како облик на комуникација на човекот со природата.

–     Ги познава основните карактеристики и предности на тимската работа, умее да применува современи кооперативни техники за учество и за координирање на тимски активности.

–     Ги познава придобивките и ги селектира современите техники на соработка со сродни установи и со локалната заедница.

–     Ги познава и ги разбира принципите за создавање стимулативна средина за учење и применува стратегии за поттикнување позитивна социоемоционална клима во установата/групата.

Вештини на учење –     Ја познава, ја разбира и ја прифаќа својата професионална улога во современото општество, ги знае компетенциите кои треба да ги поседува и ја разбира потребата од континуиран професионален развој.-     Умее да наоѓа, да обработува, да користи и да разменува стручни и научни информации од својата област.

–     Користи информатичко-компјутерска технологија за размена на информации од стручен карактер и умее да селектира и да користи информации во интерес на осовременување на образовниот процес.

Специфични дескриптори на квалификациите

Знаења и разбирање –        Поседува знаења од областа на педагогијата, предучилишната педагогија, социологијата на образованието, психологијата,   дидактиката.-        Ја познава и ја разбира улогата на организираниот институционален предучилиштен воспитно-образовен систем и неговата организациона и програмска поставеност.

–        Знае и разликува современи предучилишни воспитно-образовни системи и концепти, ги разбира нивните историски, социолошки и филозофски основи и нивната институционална поставеност.

–        Ги познава и ги разбира развојните законитости и индивидуалните карактеристики, разлики и потреби на децата/учениците.

–        Ги познава и ги разликува воспитните, образовните и функционалните цели и ја разбира потребата од нивно интегрирање во воспитно-образовното дејствување врз децата/учениците.

–        Ги познава и ги разбира стандардите за рано учење и развој на децата од раната детска и предучилишна возраст и ги познава и ги разбира законитостите на воспитанието и на обра­зо­ванието во периодот на раниот детски развој.

–        Ја познава и ја разбира потребата од усогласување на постапките меѓу факторите на воспитно-образовното дејствување во заедницата.

Примена на знаењето и разбирањето –        Ги проценува и ги разбира детските потреби и можности и користи соодветни педагошки постапки за нивно воспитно-образовно третирање.-        Умее да користи информатичко-компјутерска технологија во планирањето, водењето, реализирањето и вреднувањето на воспитно-образовниот процес.

–        Препознава разлики меѓу предучилишни воспитно-образовни програмски модели и умее да ги избере и да ги користи според срединските и културните вредносни системи.

–        Умее да применува воспитно-образовни стратегии сообразени со развојните и со индивидуалните можности, потреби и способности на децата/учениците од раната детска воз­раст, на децата од предучилишната и од раноучилишната возраст.

–        Ги познава и ги разбира содржините на воспитно-образовните подрачја/предмети, поседува умешност за нивно континуирано осовременување и проучување.

–        Ги разликува, ги разбира и соодветно ги користи дидактичко-методичките особености на воспитно-образовната работа (методи, форми, принципи, средства и сл.) и умее да применува современа образовна технологија специфична за предучилишниот и за раниот училиштен воспитно-образовен процес.

–        Знае и умее да планира, да организира и да реализира воспитно-образовни активности во предучилишните институции, како и наставен час во раниот училиштен период, и умее да ги интегрира содржините од една и од различни воспитно-образовни подрачја.

–        Умее да лоцира тековно појавени воспитно-образовни проблеми и да користи различни и соодветни постапки во нивното решавање.

–        Умее да применува социолошки знае­ња во ре­шавање на воспитно-образовни проб­леми.

–        Знае и умее да ги поттикнува и да ги оспособува децата за самостојно учење преку истражувачки и други активни методи на учење.

–        Умее да го одржува и да го јакне психофизичкиот и здравствениот развој на децата од предучилишна возраст.

–        Умее да применува стратегии за идентификација и за работа со надарени деца.

Способност за проценка –        Поседува знаења и умешност за следење, вреднување и евидентирање на постигнувањата на децата/учениците.-        Умее да врши избор на воспитно-образовни стратегии и методски постапки соодветни на индивидуалните потреби на децата/учениците.
Комуникациски вештини –        Познава и применува стратегии на педагошка комуникација и умее да селектира современи модели на раководење со воспитно-образовна група/одделение.-        Ги познава и ги разбира вредностите на семејството како основна воспитна заедница, ги разбира, ги промовира и ги применува предностите, формите и принципите на партнерскиот и едукативен однос на воспитно-образовната институција кон семејството.

–        Познава и применува стратегии за вклучување на заедницата и семејствата во животот и работата на воспитно-образовната институција и умее да ги искористи заедничките активности за усогласено воспитно-образовно дејствување.

–        Покажува умешност за примена на принципите, формите и методите на интерактивно комуницирање во воспитно-образовниот процес, поттикнува кон интеракција и користи комуникациски вештини за регулирање на социјалното и интерактивно однесување меѓу децата/учениците во групата.

–        Ги препознава разликите во воспитната клима на семејствата од кои потекнуваат децата/учениците и применува кооперативни техники за нивна поддршка или канализирање.

–        Ги препознава различностите меѓу децата/учениците, спроведува современи стратегии за нивно почитување и користи модели за поттикнување на меѓусебното прифаќање и толеранција.

–        Познава и применува методи и принципи на воспитна работа, како и современи модели, вештини и техники за менаџирање на воспитно-образовната група.

–        Знае и умее да развива механизми на групен живот и работа, кооперативно учење и соработка меѓу децата во групата.

Корисни линкови

_______________________ _______________________

________________________

________________________

________________________

________________________

________________________